култура и уметност

„Брод со бисери": Приказни што почнуваат во Турција, а завршуваат во Македонија

Филмскиот проект насловен „Брод со бисери“ ги спои филмските дејци, истражувачи и продуценти од Македонија и од Турција кои заеднички работат на ова филмско остварување

Ekipa  | 06.11.2017 - Обновена : 07.11.2017
„Брод со бисери": Приказни што почнуваат во Турција, а завршуваат во Македонија Регина Икономовска, сценарист, координатор на филмскиот проект „Брод со бисери“ (Vedat Abdul/AA)

Skopje

СКОПЈЕ (АА) - ЏИХАД АЛИУ-АДМИР ФАЗЛАГИЌ - Филмскиот проект насловен „Брод со бисери“ ги спои филмските дејци, истражувачи и продуценти од Македонија и од Турција кои заеднички работат на ова филмско остварување, за коешто велат дека во целина ќе го покаже историското и културното богатство на двете земји и двата народа коишто споделуваат многу заеднички вредности.

Регина Икономовска, сценарист, координатор на филмскиот проект „Брод со бисери“, а воедно и главен лик во истоимениот документарец, во разговор за Anadolu Agency (AA) вели дека се работи за авантуристички филм кој е своевидна збирка на приказни од Турција и од Македонија.

„Тоа е еден авантуристички филм, патување, коешто содржи паралелни приказни, приказна во приказната. Поентата е да се постигне ефикасност и ефективност сублимирана низ селектирани документаристички приказни содржани во овој филм и да биде едно свежно патување сублимирано во книгата којашто се вика 'Брод со бисери'. На своето патување, главниот лик ги собира приказните од Турција и од Македонија, во кои содржината е другата страна на историјата, тајната историја“, рече Икономовска.

Според нејзините зборови, документарниот филм е плод на една долгогодишна научноистражувачка работа и со тоа ќе понуди една свежа страна на историјата, околу спомениците и харизматичните историски ликови, за кои вели дека имаат емоционална љубовна страна којашто не е толку позната.

Икономовска раскажува дека сите приказни во филмот, на некој начин, почнуваат во Турција, а завршуваат во Македонија.

Таа смета дека овој филмски проект би бил од извонредно значење за соработката во филмската индустрија меѓу Турција и Македонија. Како што објаснува, пред сѐ филмот е мошне силен мост во двете култури, особено во филмската индустрија. Икономовска истакнува дека филсмската приказна има интересен мотив што ги поврзува двете земји.

„Приказните го водат главниот лик во Турција за да ги собере од таму. Тие блескаат како бисери, таа ги бруси по пат во свои приказни, градејќи ја книгата 'Брод на бисери', со којашто всушност се враќа во Македонија. Крајот на сите приказни е тука, во поранешна Румелија, денешна Македонија. Тоа покажува едно богато културно милје помеѓу двете земји коешто има заеднички нитки, тоа е 'Брод со бисери'“, истакнува Икономовска, главниот протагонист во документарецот.

Меѓу другото, таа вели дека овој филмски проект е инициран од соработката со Јапонската агенција за меѓународна соработка (JICA), а ќе биде реализиран со партнерите од Турција.

Икономовска информираше дека филмот е поддржан и од Агенцијата за филм на Република Македонија. Учесниците во овој проект очекуваат тој да биде реализиран до крајот на 2018 година, како и дека ова документарно филмско остварување ќе наиде на позитивни реакции во јавноста.

- „Документарецот ги одразува вредностите на Турција и на Македонија“ -

Мурат Туфан, еден од партнерите на проектот, во разговор за Аnadolu Аgency (AA) рече дека со овој документарен филм имаат за цел да ги промовираат историските места, како во Македонија така и во Турција, но и да дадат придонес во интеракцијата на културите на двете земји.

„Со бродот зборуваме за јахтата на Ататурк, Саварона, а бисерите ги претставуваат Турците, Османлиите и делата напуштени претходно. Овие дела, историски места како палатата Топкапи во Истанбул, Момината кула, џамијата Михримах Султан“, истакна Туфан, осврнувајќи се на значењето на документарниот филм „Брод со бисери".

Туфан рече дека во рамките на документарниот филм, личноста од Македонија, која во филмот е патник, авантурист, покрај делата од Турција, ќе ги опфати темите околу Камениот мост и Шарената џамија во Скопје. Тој пренесе дека покрај османлиските дела, и делата кои фрлаат светлина врз историјата на Македонија ќе бидат предмет на овој филм.

Туфан истакна дека планираат документарецот да трае околу еден час. „Покрај тоа што ќе ги рефлектира вредностите на Турција и на Македонија, документарецот ќе биде дел од сите значајни меѓународни фестивали. Целта е унапредување на пријателството на нашите земји, да се направи заеднички придонес од трговски аспект, на новите генерации да им се пренесат културните чувства на една заедница која 500 години живеела заедно на овие простори“, рече тој, додавајќи дека режисер на филмот е Александар Зиков од Македонија.

Според неговите зборови, предвидено е снимањето да трае околу еден месец и да заврши во април или мај наредната година.

Меѓу другото, Туфан нагласува дека имаат за цел да се реализира филмско остварување од турско-македонска копродукција.

- „Филмот испраќа порака за мир и заедништво“ -

Тој нагласи дека имаат за цел да се реализира дело од турско-македонска копродукција.

„Гала вечерта ќе ја организираме во Македонија и во Турција. Министерството за култура на Македонија за овој проект обезбеди досега најголем буџет наменет за еден документарец во Македонија. Аплициравме во Генералната дирекција за кино на Турција“, објасни Туфан и истакна дека проектот ќе се реализира со поддршка на владите на двете земји.

Предвидено е документарецот да биде направен на три јазици, македонски, турски и на англиски.

Говорејќи околу плановите за промоција на филмот, Туфан истакна дека документарецот ќе го испратат на сите престижни фестивали во Турција и во светот.

„Се работи за филм кој раскажува дека луѓето што во историјата живееле заедно, и по векови не треба да се делат едни од други, раскажува дека имаме заедничка историја и минато. Ова е филм раскажува дека и во иднина заедно ќе градиме еден убав свет. Целта ни е да научиме да живееме заедно, да нема војни. Сакаме да испратиме порака наместо поделби, да продолжи заедничкиот живот како што било во минатото, прифаќајќи ги разликите“, порачува Туфан во разговорот за АА.





На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.