Анализа на вести, Балкан

Македонија: Од осамостојувањето до денес

По 26 години независност на Република Македонија, членството во ЕУ и НАТО остануваат стратешка цел на државата

Admir Fazlagic  | 08.09.2017 - Обновена : 09.09.2017
Македонија: Од осамостојувањето до денес

Skopje

СКОПЈЕ (AА) – Адмир Фазлагиќ

Распадот на Социјалистичката Федеративна Република Југославија настана како резултат на низа политички немири и судири во почетокот на деведесеттите години од 20. век. По периодот на политичките кризи во осумдесеттите години, дојде до распад на Социјалистичка Федеративна Република Југославија, а нерешените прашања предизвикаа меѓуетнички судири. Воените случувања првенствено се одвиваа во Хрватска и во Босна и Херцеговина, а подоцна имаа свое влијание и во другите држави, пишува Anadolu Agency (AA). 

По сојузничката победа во Втората светска војна, Југославија е формирана како федерација од шест републики: Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора и Македонија. Покрај републиките, беа формирани две автономни покраини, Војводина и Косово, од кои Косово сега е држава.

- Независност на Република Македонија

Откако дојде до распаѓање на поранешната држава СФР Југославија, се формираа самостојни држави, меѓу кои и Република Македонија. Република Македонија денеска одбележува 26 години самостојност и независност, по успешно спроведениот референдум што се одржа на 8 септември 1991 година, а на кој македонските граѓани се изјаснија за самостојна и суверена држава.

Над 95 проценти од граѓаните што излегоа на референдумот позитивно одговорија на прашањето: „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија?“. Претходно, на 25 јануари 1991 година, беше усвоена Декларацијата за независност од првиот повеќепартиски македонски Парламент. Како важен чекор за државата следуваше усвојувањето на новиот Устав, на 17 ноември 1991 година.

По изгласувањето на Декларацијата за сувереност на државата, Киро Глигоров беше избран за прв претседател на самостојна и суверена Република Македонија од страна на Собранието на Република Македонија, на 27 јануари 1991 година.

По прогласувањето на независноста, државноста на Македонија меѓу првите ја признаа Турција и Бугарија, како и Словенија, Хрватска, Русија, Босна и Херцеговина, а потоа и другите држави.

Државата монетарно се осамостои со воведувањето на денарот, на 26 април 1992, а потоа доби и своја Армија, која роденденот го слави на 18 август.

Меѓународно-правниот субјективитет на државата дефинитивно беше потврден на 8 април 1993 година, кога со акламација во Генералното собрание на Обединетите нации, Македонија беше примена за 181. полноправна членка на Светската организација.

Поради противењето и притисоците од страна на Грција, која не го прифаќа уставното име на Република Македонија, зачленувањето во ОН беше под привремената референца: Поранешна Југословенска Република Македонија.

Стратешки определена да стане полноправна членка на Европската Унија и на НАТО, Република Македонија како држава што неодамна ја стекна својата независност, ги основаше своите институции и организации, активно работејќи на евроатланските перспективи.

Поради нејзиниот мултиетнички и мултиконфесионален карактер, меѓуетничките односи во оваа држава отсекогаш биле предмет на различни опсервации.

Мултиетничноста, од една страна, е главната карактеристика на државата, а од друга страна и голем предизвик на политичките елити, но и на општеството во целина, за обезбедување рамноправност и почитување на правата на етничките заедници.

- Воен конфликт во Република Македонија во 2001 година

Воениот конфликт во Република Македонија од 2001 започна на почетокот од годината, меѓу Ослободителната Народна Армија (ОНА) и безбедносните сили на Македонија. Конфликтот продолжи во поголемиот дел од 2001 година, а заврши со потпишувањето на Охридскиот рамковен договор во август истата година, со којшто беа унапредени правата првенствено на Албанците, но и на другите немнозински етнички заедници во Република Македонија (Турци, Бошњаци, Срби, Власи и Роми).

Во оваа година, со Охридскиот договор кој беше потпишан меѓу главните политички носители во земјата и со посредство и гаранција на меѓународната заедница, претставувана од ЕУ и САД, дојде до промени во Уставот на Република Македонија.

По завршувањето на конфликтот, државата се опоравуваше од последиците и работеше на спроведувањето на Охридскиот рамковен договор, воедно и на активностите на евроатлантскиот пат.

- Македонија доби статус на земја-кандидат за членство во ЕУ

Четири години по конфликтот, во 2005 година, Македонија доби статус на земја-кандидат за членство во ЕУ, а во 2008 и препорака од Европската комисија за почеток на пристапните преговори со Унијата, која беше повторена и годинава.

Грција, по примерот со НАТО, ја блокира и македонската евроинтеграција, условувајќи со претходно решавање на прашањето за името. Македонија, имајќи го зачленувањето на ЕУ како стратешка цел на државата, работи на исполнување на потребните реформи кои треба да придонесат за напредување во евроинтегративниот процес.

- Важноста на Самитот на НАТО во Букурешт

Освен членството во ЕУ, членството во НАТО е исто така, стратешка цел на Република Македонија. Собранието на Република Македонија на 23 декември 1993 година донесе одлука за зачленување на Република Македонија во НАТО и оттогаш работи на процесот за зачленување. Како еден од најважните настани на патот на државата за зачленување во оваа организација е Самитот на НАТО во Букурешт.

На 3 април 2008 година, на Самитот на НАТО во Букурешт, Романија, Грција ја блокира поканата за Република Македонија за членство во НАТО. И покрај категоричното залагање на неколку водечки земји за прием на Република Македонија, а пред сè на САД, Грција не даде согласност за покана на Република Македонија, образложувајќи го тоа со лошите соседски односи поради нерешениот проблем со името Македонија.

Без оглед на ваквите околности, членството во НАТО остана стратешка цел, и државата работи на спроведување на активностите на патот кон членство во оваа алијанса.

Од своето осамостојување до денеска, Република Македонија помина низ неколку политички кризи, меѓу кои, за најголема и најважна од осамостојувањето се смета политичката криза што се продлабочи во 2015 година, која од политичка, стана институционална, па потоа поприми примеси и на безбедносна криза.

Политичката криза се продлабочуваше и по преговорите на лидерите на двете најголеми политички партии, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и тогашен премиер, Никола Груевски, и лидерот на СДСМ, Зоран Заев, сегашен премиер на државата. Впрочем, ова започна со објавување на компромитирачки аудио материјали, таканаречени бомби, кои кај граѓаните предизвикаа револт и беа организирани протести во главниот град Скопје, како и низ целата територија на Република Македонија, а пред зградата на Владата во Скопје, граѓаните поставија шатори и бараа оставка од тогашната влада.

Ова доведе до преговори меѓу партиите со посредство на меѓународната заедница и беше склучен Договорот од Пржино, со којшто требаше да се спроведат потребните барања со цел надминување на политичката криза и одржување на вонредни парламентарни избори. Вонредните избори се одржаа на 11 декември минатата година и беа деветти по ред парламентарни избори од осамостојувањето на државата, а четврти предвремени парламентарни избори.

По одржувањето на парламентарните избори, во април беше избран нов претседател на Собранието, во тензични услови, при што насилна група демонстранти негодувајќи за изборот на Талат Џафери за претседател на законодавниот дом, влегоа во собраниската зграда и предизвикаа нереди во коишто беа повредени пратеници и новинари.

На први јуни започна со работа новата Влада на Република Македонија, предводена од лидерот на СДСМ, Зоран Заев, која според досегашните активности интензивно работи на исполнување на итните реформски приоритети коишто би требало да го забрзаат зачленувањето на земјава во ЕУ.

- Досегашни избори и референдуми

Исто така, од осамостојувањето на Република Македонија, досега се одржани пет претседателски и пет локални избори, а шестите локални избори се закажани за 15. октомври оваа година.

Меѓу другото, од осамостојувањето во Македонија досега двапати е распишан референдум на државно ниво и петпати на локално ниво. Првиот референдум во 1991 е по барање на Собранието, а во 2004 по барање на најмалку 100.000 гласачи.

Првиот референдум беше одржан во 1991 година, за независноста, а вториот, во 2004 година, беше распишан со цел граѓаните да се изјаснат во врска со новоусвоениот Закон за територијална поделба на Република Македонија, а се одржа на 7 ноември 2004.

- Идни перспективи

По 26 години независност на Република Македонија, членството во ЕУ и НАТО остануваат стратешка цел на државата, за кои властите прават напори да ги исполнат потребните реформски приоритети. Исто така, според официјалните определби на актуелните власти, подигање на квалитетот на животот на граѓаните и градење институции во служба на граѓаните се главните определби на државата.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.