Балкан

„Србија нема да воведува санкции кон Русија, се надевам на разбирање во ЕУ“

„Србија нема да ја менува својата политика кон Руската Федерација. Србија нема да наметне санкции кон Русија, ниту некогаш тоа го правела, и со гордост морам да кажам дека Русија никогаш не направила ништо против интересите на Србија

Bojana Stojanovic  | 22.02.2018 - Обновена : 22.02.2018
„Србија нема да воведува санкции кон Русија, се надевам на разбирање во ЕУ“ Miloš Miškov/АА

Belgrad

БЕЛГРАД (АА) - Србија се наоѓа на европскиoт пат, но нема да воведува санкции кон Русија, изјави вечерва српскиот претседател Александар Вучиќ, при што министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, ја поздрави ваквата изјава со оценка дека не е европски да се очекува една држава да се откаже од добрите односи со било кој, јавува Anadolu Аgency (АА).

На заедничката прес-конференција во Белград по повод 180 години од воспоставувањето на дипломатски односи помеѓу Русија и Србија, Вучиќ изјави оти верува дека ќе има притисоци, но дека Србија ќе биде на истата линија.

„Србија нема да ја менува својата политика кон Руската Федерација. Претходно, секаде кажав дека Србија нема да наметне санкции кон Русија, ниту некогаш тоа го правела, и со гордост морам да кажам дека Русија никогаш не направила ништо против интересите на Србија. Србија ќе продолжи да ја почитува својата политика и се надеваме дека ќе наидеме на разбирање во Европската Унија и дека тие добро ќе ја разберат специфичноста на ситуацијата со Русија, а доколку тоа не биде случај, Србија е самостојна и независна земја“, рече Вучиќ.

Како што објасни, Србија има голема препрека која мора да ја реши, а за тоа не е потребна само добрата волја на Србија, туку и на Албанците и ЕУ.

„За тоа колку ќе бидеме успешни останува да се види во наредната година или две“, додаде тој.

На тоа Лавров изјави дека е убеден оти секоја држава мора да ги бира своите партнери, тргнувајќи од своите национални интереси и дека не е европски да се oчекува една држава да се откаже од добрите односи со било кој.

Зборувајќи за дијалогот меѓу Белград и Приштина со посредство на ЕУ, Лавров констатираше дека ЕУ мора да преземе додатни чекори да ја оправда довербата на Русија по тоа прашање.

„Сè треба да се реши во согласност со меѓународното право. Ги поздравуваме и напорите на претседателот Вучиќ за смирување на ситуацијата по убиството на Оливер Ивановиќ и очекуваме одговорните за тоа убиство да бидат пронајдени и казнети, а институциите на Србија и Косово да соработуваат“, изјави тој.

По повод 180 години од воспоставувањето на дипломатски односи помеѓу Србија и Русија, двајцата соговорници се согласија дека тие односи не се само дипломатски туку и верски, православни.

„Во тие 180 години, поминавме сито и решето и изгубивме многу луѓе, борејќи се за слободата на нашите народи, но она што е карактеристично е дека никогаш не одевме едни против други, што е реткост“, изјави Вучиќ.

Во духот на таа соработка, утре во Храмот Свети Сава, Лавров ќе присуствува на презентацијата на мозаикот на централната купола, за кое Вучиќ смета дека ќе биде едно од најубавите места на Балканот и ќе привлекува луѓе од цел свет.

Тие се согласија и дека нивото на трговската размена на двете земји е во драматичен пораст, дека во 2017 година изнесувала над две милијарди долари, а Вучиќ додаде и дека воено-техничката соработка ќе биде продолжена и дека Србија забрзано ќе ја модернизира својата армија.

Српскиот претседател изјави дека од Лавров добил писмо од претседателот на Русија, Владимир Путин, во кое на убав начин се зборува за соработката на двете земји, но и дека на Лавров му го предал писмото за Путин во благодарност за сè што сторил за развојот на добрите билатерални односи и во надеж да ги унапредат уште повеќе.

„Напишав уште едно писмо за семејството на Роман Филипов, припадник на руската војска и го замолив тоа писмо да го пренесе, а го завршив зборувајќи за храброста која го восхити српскиот народ и граѓаните на Србија: За јунаците не се плаче, за нив останува она што го сториле“, наведе Вучиќ.

Запрашан за изјавата на бошњачкиот член на Претседателството на БиХ, Бакир Изетбеговиќ, дека српската и хрватската страна повикуваат на судири, Вучиќ изјави дека не би коментирал нешто со чија содржина не е запознаен.

„Не би коментирал нешто со чија содржина не сум запознаен, но би бил среќен кога во БиХ помалку би се користел јазикот на недоразбирање, а малку повеќе јазикот на добрососедски односи“, заклучи Вучиќ.

Министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, допатува денес во дводневна посета на Србија.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.