Балкан

Артилериски гранати од Првата светска војна пронајдени кај Гевгелија

„Во случај на експлозија само на овие триесет гранати во радиус од 200 метри од селото ќе нема ништо“, изјави Ефтим Митров од Дирекцијата за заштита и спасување, кој работи на отстранување на гранатите

Toni Avramov  | 22.02.2018 - Обновена : 23.02.2018
Артилериски гранати од Првата светска војна пронајдени кај Гевгелија (Foto: Toni Avramov/AA)

Gevgelija

ГЕВГЕЛИЈА (АА) - Во гевгелиското село Богородица, во непосредна близина на македонско-грчката граница, пронајдени се триесетина артилериски гранати, но нивната бројка се претпоставува дека е поголема, јавува Anadolu Agency (AA).

При расчистување на дворно место за изградба на приватна станбена куќа, во гевгелиското село Богородица, сопствениците нашле, најпрво две гранати, при што ја известиле полицијата, а по расчистувањето на теренот од стручните лица пронајдени се уште 30 гранати.

Од Дирекцијата за заштита и спасување велат дека овие артилериски гранати од 82 милиметра потекнуваат од Првата светска војна и голем дел од нив не се испукани, односно сè уште се активни, и се опасност за населеното место. Според наодите се работи за полски магацин во кој биле сместени гранатите.

„По пријава од МВР – Гевгелија дојдовме за интервенција. Во моментот се гледаат 30 гранати, 15 се извадени, а 15 се гледаат, но бројката ќе биде многу поголема. Конечната бројка ќе се знае на крајот. Можело да се случи катастрофа, затоа што над оваа локација пред неколку години имало варџилница. Овде се правело вар, над половина метар над гранатите без да знаат луѓето. Во случај на експлозија само на овие триесет гранати во радиус од 200 метри од селото ќе нема ништо“, изјави за АА Ефтим Митров од Дирекцијата за заштита и спасување, кој работи на отстранување на гранатите.

Се гледа дека гранатите се наоѓаат во непосредна близина на местото каде што со години наназад се одвивале разни изведбени работи и активности, но никој ништо не забележал, ниту пак некоја од гранатите експлодирала.

По целосно вадење на гранатите од ова подрачје истите ќе бидат уништени.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.