Балкан

Заев: Согласни сме за меѓународна истрага за случајот „Дива населба"

Имаме заеднички став дека треба да има меѓународна истрага која ќе ги истражи сите елементи и ќе даде одговор на прашањата кои ги заслужуваат и граѓаните на Косово и на Македонија, рече Заев

Zülfiya Yakup  | 12.12.2017 - Обновена : 12.12.2017
Заев: Согласни сме за меѓународна истрага за случајот „Дива населба"

Pristina

ПРИШТИНА (AA) – Премиерот на Република Македонија Зоран Заев, кој престојува во официјална посета на Република Косово се состана со премиерот на оваа држава Рамуш Харадинај, а по состанокот на заедничка прес конференција двајцата премиери истакнаа дека се согласни за потребата од меѓународна истрага во врска со случувањата во кумановската „Дива населба" , за што осум лица се осудени на доживотен затвор, јавува Anadolu Agency (AA).

По состанокот со косовскиот премиер Рамуш Харадинај, премиерот на Македонија Зоран Заев на конференцијата за новинарите изјави дека прашањето на Кумановската група е многу чувствително, бидејќи загинаа полицајци од Македонија и дека граѓаните на двете земји заслужуваат да ја знаат целата вистина.

„Од тој аспект, имаме заеднички став дека треба да има меѓународна истрага која ќе ги истражи сите елементи и ќе даде одговор на прашањата кои ги заслужуваат и граѓаните на Косово и на Македонија. Ова прашање не смее да биде пречка за унапредување на соработката на двете земји", рече Заев.

На новинарско прашање околу приемот на Косово во УНЕСКО, премиерот Заев изјави дека тоа прашање за сега е одложено, но дека се надева дека паралелно ќе се одвива и дијалог за билатералните односи помеѓу Косово и Србија, на кој Македонија му дава голема поддршка.

„Косово треба да смета на поддршката на Република Македонија во сите свои процеси, но истовремено знаете дека и Србија е нашиот сосед, во делокругот на доброто соседство со сите земји ќе се надеваме дека и билатерално ќе ги решавааат прашањата, а ние ќе бидеме овде само да ги помогнеме процесите на двете земји", изјави премиерот Заев.

Тој истакна дека ова е прва посета на Косово од страна на премиер од Македонија, како и дека односите на двете земји се многу добри и дека помеѓу нив нема отворени прашања. Заев истакна дека со Косово досега се потпишани 19 договори и 16 други документи, како и дека е во план потпишување на уште 21 договор.

Премиерот Заев наведе дека двете земји имаат исти евроатлански аспирации и дека треба да се помагаат меѓусебно, како и дека економската соработка може да се унапреди уште повееќе, со што трговската размена, која моментално изнесува 160 милиони евра, може да се зголеми на повеќе од 200 милиони евра.

Меѓудругото, тој истакна дека со својот косовски колега, Харадинај, разговарале за заеднички проекти како што се автопатишта и отворањето на новиот граничен премин помеѓу двете земји. Заев го покани Харадинај наредната година да ја посети Македонија, каде што ќе се одржи заедничка седница на Владите на двете земји.

Премиерот на Косово, Рамуш Харадинај посетата на Заев ја оцени како многу важна бидејќи Косово и Македонија се две соседни земји, кои ги поврзува животот, судвината и заедничките евроатлански аспирации.

„Со денешната посета се потрудивме односите на Косово и Македонија да напредуваат, тие се добри, но да се унапредат. Денеска преземавме многу обврски кои верувам ќе имаме можност да ги финализираме во иднина и на нашииот заеднички состанок на двете Влади", рече Харадинај.

Премиерот на Македонија, Заев, го прими и претседателот на Собранието на Косово Кадри Весели, а попладне ќе има средба и со претседателот на Косово Хашим Тачи.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.