Балкан

Скопје: Промовирана Декларацијата за стратешки цели и интереси на Ромите

Акиф Кариман, претставник на здружението „Романо авази" истакна дека девет групи чинители од ромската заедница преку Декларацијата за стратешки цели и интереси сакаат да укажат на потребата од обединување за остварување на предвидените цели

Admir Fazlagic  | 22.02.2018 - Обновена : 22.02.2018
Скопје: Промовирана Декларацијата за стратешки цели и интереси на Ромите

Skopje

СКОПЈЕ (АА) - Неколку граѓански здруженија предводени од младите Роми во Република Македонија денеска презентираа Декларација за стратешките цели и интереси на оваа заедница, јавува Anadolu Agency (AA).

Акиф Кариман, претставник на здружението „Романо авази" (Ромски глас) во изјава за медиумите истакна дека девет групи чинители од ромската заедница меѓу кои се младите Роми студенти, ромските бизнисмени, ромските медиуми, историчари, романолози и културолози преку Декларацијата за стратешки цели и интереси на Ромите во Македонија сакаат да укажат на потребата од обединување за остварување на предвидените цели.

„Главните цели се постигнување мултикултурно, праведно и рамноправно општество со еднакви граѓани и еднакви заедници согласно Уставот на РМ. Ова подразбира, правилно и целосно спроведувње на мултиетничкиот принцип согласно Уставот на РМ со зајакнати индивидуи и заедници, што подразбира целосна и правична застапеност на Ромската заедница согласно Охридскиот рамковен договор на сите нивоа на власта, на национално и локално ниво, на територијата на РМ. Исто така, постигнување на еднаквост при употреба на мајчиниот јазик и гаранција за негова примена преку обезбедување можности за користење на мајчиниот јазик на немнозинските заедници, што се над 20 отсто во општините во кои живеат, и достојно почитување на културата на заединиците", рече Кариман.

Тој додаде дека тие се залагаат за вистинско инклузивно образование, за мултикултурно општество, регионално поврзување и интеграција на Ромите во општеството.

Според Кариман, декларацијата е политички, нацрт-документ, за кој ќе биде потребно да се одржат консултации на сите засегнати страни и конечно се дојде до негова финализација.

За Силхан Саитов, менаџер за проекти во здружението на граѓани „Рома верзитас", оваа декларација и иницијатива за заложби и единство е многу важен момент во овој период и за оваа генерација Роми, и вели дека младите имаат должност и одогворност да ја унапредат и да ја пренесат за идните генерации.

„Оваа иниицијатива е многу важна поради тоа што речиси сите чинители од ромската заедница се согласни дека недостасува единство, солидарност и борење за стратешки цели на ромската заедница, затоа овој процес треба да опфаќа нивно целокупно учество, за што ќе се погрижиме", вели Саитов.

Тој се осврна и на проблемот со точната бројка на припадници на ромската етничка заедница во Република Македонија, нагласувајќи дека во повеќе извештаи на здруженијата на граѓани за бројот на население, бројката на Роми во Македонија е два-три пати поголема од официјалните бројки на Државниот завод за статистика, кој се повикува на пописот на население од 2001 година.

„Според Државниот завод за статистика бројката е околу 53 илјади, меѓутоа сигурно се работи за бројка ос над 150 илјади Роми во Република Македонија", смета Саитов.

Младите Роми сметаат дека Декларација за стратешките цели и интереси ќе придонесе за поголемо обединување и подобро организирање на оваа етничка заедница со цел поефикасно остварување на нивните цели, но и генерално за подобрување на статусот на Ромите во Македонија.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın