Балкан

Спасовски - Пинтер: Договорена соработка меѓу македонската и унгарската полиција

Министрите за внатрешни работи на Македонија и Унгарија, Оливер Спасовски и Шандор Пинтер, истакнаа дека ресорните министерства на двете земји имаат одлична соработка и дека таа во наредниот период дополнително ќе се унапредува

Ivana Ramadanova  | 22.02.2018 - Обновена : 23.02.2018
Спасовски - Пинтер: Договорена соработка меѓу македонската и унгарската полиција (Foto: Vedat Abdul/AA)

Skopje

СКОПЈЕ (АА) - Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска оствари средба со својот колега од Унгрија, Шандор Пинтер, на која беше договорено интензивирање на соработката меѓу македонската и унгарската полиција, јавува Anadolu Agency (AA).

На заедничката прес-конференција за новинарите, министрите за внатрешни работи на Македонија и Унгарија, Оливер Спасовски и Шандор Пинтер, истакнаа дека ресорните министерства на двете земји имаат одлична соработка и дека таа во наредниот период дополнително ќе се унапредува.

Како што истакна Спасовски, на средбата се разговарало за начините како дополнително да се интензивира соработката меѓу двете полиции, особено околу заедничката соработка и поддршка во регионалните и меѓународните организации.

„Сакам да му се заблагодарам на министерот Пинтер, којшто несебично ѝ помогна на македонската полиција во справувањето со мигрантската криза. Тоа беше еден од најголемите предизвици за Република Македонија, со кој можевме да се справиме само преку заемна соработка со државите од регионот и државите членки на Европската Унија. Унгарската полиција направи многу за да ѝ помогне на Република Македонија во справувањето со оваа криза“, рече министерот Спасовски.

Тој рече дека проектот за засилен надзор на јужната државна граница на Република Македонија кон Грција започна во декември 2015 година, преку упатување полициски службеници од неколку пријателски земји на нашата јужна граница, меѓу кои беа и полициските службеници од Унгарија, додавајќи дека од започнувањето на проектот, па досега вкупно 611 унгарски полициски службеници биле распределени во 22 контингенти.

„Денеска покренавме нова иницијатива за започнување на преговори за потпишување договори за размена на податоци и информации за справување и спречување на тероризмот и насилниот екстремизам. Како дел од одличната соработка минатата година беше потпишан и Меморандум за разбирање меѓу Центарот за обука на МВР и Полициското училиште за спроведување на законот во Сегедин“, рече Спасовски.

Потенцирајќи ја добрата соработка меѓу двете министерства, министерот за внатрешни работи на Унгарија, Шандор Пинтер, изјави дека унгарските полициски службеници и во иднина ќе ѝ помагаат на македонската полиција.

„Сакам да им оддадам признание и благодарност за напорите и работата што македонското Министерство за внатрешни работи и полиција ја вршат за обезбедување на границата кон Грција. Овие полициски службеници не ги штитат само границите на Република Македонија, туку ги штитат границите на целиот регион, на Унгарија и на целата Европската Унија“, рече министерот Пинтер.

Двајцата министри истакнаа дека наскоро треба да биде потпишан и Договор меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Унгарија за полициска соработка, кој има за цел продлабочување на соработката меѓу полициските органи на двете држави, со цел поефикасно делување во сузбивањето на меѓународниот криминал, со акцент на поефикасна борба против тероризмот, организираниот криминал, недозволената трговија со дрога, илегалната миграција и други кривични дела.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.