економија

Македонија и Индонезија ќе ја унапредуваат деловната соработка

Делегација на Парламентот на Република Индонезија, која од вчера престојува во земјава, денеска оствари работна средба со претседателот на Стопанската комора на Македонија

Ivana Ramadanova  | 05.12.2017 - Обновена : 06.12.2017
Македонија и Индонезија ќе ја унапредуваат деловната соработка Ivana Ramadanova/AA

Skopje

СКОПЈЕ (АА) - Делегација на Парламентот на Република Индонезија, предводена од Абдул Малик Харамеин, заменик-претседавач на Групата за религиски и општествени работи и за еманципација на жените, која од вчера престојува во земјава, денеска оствари работна средба со претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, јавува Anadolu Agency (AA).

Во изјавата за новинарите, Азески истакна дека Индонезија и Стопанската комора веќе долго време негуваат добри односи, но поради далечината не може да се направи некоја поголема трговска размена, додавајќи дека учеството на фирмите на саемот „Trade Expo Indonesia“ (Треид Експо Индонезија) што се одржува во октомври, ги дава првите резултати.

„Се надеваме дека преку овие средби ќе го зголемиме нивото на соработка. Тоа е исклучително важен пазар за нас и силна суровинска база за дел од нашата индустрија, и затоа се потребни почести вакви контакти и соработка на планот на размена на компаниите, учество на саемите. Индонезија е важна земја во економијата, која спаѓа во групата на 20 најразвиени земји, и која може да ѝ помогне на Република Македонија на планот на инвестициите и нашиот извоз во оваа далечна земја“, вели Азески.

Тој додаде дека Индонезија е истакнат светски играч во економијата со пазар од 250 милиони жители и со одлични перформанси, во овој момент во услови на светска економска криза, а исто така е дел и од групата Г-20 најразвиени земји.

Амбасадорката на Индонезија за РМ со седиште во Софија, Сри Астари Расјад, истакна дека ѝ претставува огромно задоволство што заедно со делегацијата од Индонезија ќе има можност да оствари средба со претставници на македонското Собрание и на некои други институции.

„Се надеваме дека од нашата посета на Стопанската комора ќе произлезат добри резултати и ќе успееме да ги зајакнеме нашите билатерални односи, нашата трговија и размената на искуства, и се надеваме дека со сите наши присутни членови, заедно со членовите од Стопанската комора ќе успееме да ги зајакнеме нашите односи“, истакна амбасадорката Расјад.

Делегацијата е составена од претставници на Парламентот на Република Индонезија задолжени за повеќе сектори – банкарство, енергетика, транспорт, рударство, земјоделство, телекомуникации.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.