живот

Режимските сили ја заробија малечката Шејма во темнина

Шејма Тафили истакнува дека сака повторно да прогледа: „Сакам да си играм со другарките. Мојата најголема желба е кога ќе пораснам, да станам лекар. Сакам да ги лекувам луѓето како мене“

Özkan Beyer  | 12.12.2017 - Обновена : 13.12.2017
Режимските сили ја заробија малечката Шејма во темнина Adsız Günebakan/AA

Gaziantep

ГАЗИАНТЕП (АА) - Седумгодишната Шејма Тафили, која го загуби видот во еден од ракетните напади од страна на силите на режимот во Сирија, сонува за денот кога повторно ќе може да прогледа, јавува Anadolu Agency (AA).

Пред речиси две години, силите на режимот го гранатирале возилото со коешто бегало семејството Тафили од сирискиот град Алепо, кон Турција. Гранатите на самото место го убиле нивниот 10-годишен син Абдулвахап, а еден од шрапнелите ја погодил 7-годишната Шејма во главата и ѝ го одзел видот.

По нападот, малечката Шејма од страна на нејзините родители најпрво била донесена во Килис, од каде што била префрлена во Газиантеп. Од тој ден до денеска, малечката Шејма се наоѓа на лекување на Медицинскиот факултет при Универзитетот Газиантеп.

И покрај тоа што ја загуби способноста за гледање, Шејма е полна со живот, но тагува по училиштето и по игрите со другарките.

Шејма од рацете не ја испушта играчката стетоскоп, таа сонува да биде лекар и сака да ги излечи оние што го имаат истиот проблем.

Мајката Бераим Тафили за АА изјави дека пред војната живееле во Алепо и имале многу среќен живот.

Таа рече дека по избивањето на војната, животот им се зацрнил и почнале да живеат во страв. „За време на нашето патување кон Турција, силите на режимот го гранатираа возилото во коешто се наоѓавме. Во нападот загина мојот 10-годишен син, а еден од шрапнелите ја погоди мојата ќерка и таа го загуби видот. Две години, со повремени прекини, доаѓаме во Турција. Се борам за здравјето на мојата ќерка“, рече госпоѓа Тафили.

- „Доволно е да се отворат очите на ќерка ми“ -

Госпоѓа Тафили раскажува дека малечката Шејма е оперирана во Газиантеп и во Килис.

„Во нападот ѝ беше повредена главата, по што таа закрепна, но лекарите рекоа дека за нејзиниот вид не можат да направат ништо, бидејќи во Турција засега нема терапија за таква повреда. Потребно е моето дете да замине на лекување во странство. Преку нашите роднини во САД и во Канада, ги испративме резултатите од испитувањата до неколку болници во тие земји. Тамошните доктори ни одговорија дека постои веројатност да ѝ се врати видот на мојата ќерка, но истакнуваат дека е потребна операција. За таа цел, бараме помош од Турција и од турскиот народ. За мене не барам никаква помош, доволно ми е само да се отворат очите на мојата ќерка. Ќерка ми сака да ѝ се врати видот. Најмногу од сѐ ѝ недостасува училиштето. Сака да си игра со другарките. Сакам да ја видам како трча, како се смее, да видам дека е среќна“.

Малечката Шејма рече дека е многу тажна поради загубата на видот.

Шејма Тафили истакнува дека сака повторно да прогледа: „Сакам да си играм со другарките. Мојата најголема желба е кога ќе пораснам да станам лекар. Сакам да ги лекувам луѓето како мене“, истакнува таа.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.