политика

Ердоган во Атина: Почеток на нова ера во односите на Турција и Грција

„По 65 години сум првиот претседател на Турција кој дојде во посета на Грција и среќен сум поради тоа. Се надевам дека овој состанок ќе биде почеток на нова ера на нашите односи", рече Ердоган

İlkay Güder  | 07.12.2017 - Обновена : 07.12.2017
Ердоган во Атина: Почеток на нова ера во односите на Турција и Грција

Ankara

АТИНА (AA) - Претседателот на Република Турција Реџеп Таип Ердоган денеска во Атина изјави дека по повеќе од шест и пол децении тој е првиот претседател на Турција кој е во официјална посета на Грција и изрази надеж дека оваа посета ќе биде почеток на нова ера во односите помеѓу овие две земји, јавува Anadolu Agency (AA).

По состанокот со грчкиот претседател Прокопис Павлопулос во Атина, Ердоган рече дека неговата посета е важна за унапредување на билатералните односи.

„По 65 години јас сум првиот претседател на Турција кој дојде во посета на Грција и среќен сум поради тоа. Се надевам дека овој состанок ќе биде почеток на нова ера на нашите односи", рече Ердоган.

Истакнувајќи дека со грчкиот колега Павлопулос отворено разговарал за сите теми, турскиот претседател рече дека и понатаму има несфатени и неимплементирани детали од Мировниот договор од Лозана, кој 11 земји го потпишале пред 94 години. Како пример за наведеното, Ердоган го посочи фактот што муслиманско малцинство во Западна Тракија и понатаму не ги бира своите муфтии и верските службеници, иако тоа со мировниот договор им е гарантирано.

Нагласувајќи дека тој договор не ги обврзува само Турција и Грција, туку сите потписнички, Ердоган укажа на загрозените права на муслиманското турско малцинство во Западна Тракија. Додаде дека Турција овозможила во согласност со тој договор да се бира патријарх во Турција, но дека таквата пракса не постои во Тракија.

„Како тогаш можеме да говориме да се применува Мировниот договор од Лозана? Тоа значи дека тој договор не се почитува во целост", рече Ердоган.

Ердоган рече дека Турција на Грција гледа како на соседна земја со која сака добрососедски односи и додаде дека токму Турција ѝ овозможила на Грција да влезе во НАТО.

„Да сакавме можевме да ве блокираме бидејќи спротивставување на било која членка ги затвора вратите на приемот на новите членки. Меѓутоа, ние не ја гледаме ситуацијата на тој начин, туку ве гледавме како соседи и тоа и денеска е така", порача Ердоган.

Изразувајќи жалење што не е решено кипарското прашање и затоа што ЕУ не ги исполнила дадените ветувања, Ердоган рече дека целта на Турција е на Кирар да се пронајде трајно и праведно решение.

„Ние мораме да работиме на јакнење на нашите политички, економски, воени, културни, трговски и други односи", заклучи Ердоган.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın