политика

Меркел-Заев: Германија останува силен партнер на Република Македонија

Меркел нагласила дека се радува што актуелната влада успаела да постигне придвижување на преговорите за името со Грција, потенцирајќи дека Германија сака решение за проблемот и е подготвена да ги охрабри партнерите во изнаоѓање на решение.

Admir Fazlagic  | 21.02.2018 - Обновена : 22.02.2018
Меркел-Заев: Германија останува силен партнер на Република Македонија (Фото: Влада на Република Македонија)

Skopje

СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, кој престојува во посета на Германија, се состана со германската канцеларка Ангела Меркел, со која по средбата одржаа заедничка прес-конференција, пренесува Anadolu Agency (AA).

Како што информираат од Владата на Република Македонија, премиерот Заев во своето обраќање пред претставниците на медиумите го изразил своето задоволство од средбата и упатил честитки за прелиминарниот договор за владина коалиција во Сојузна Република Германија.

„Политичка стабилна и силна Германија е во интерес на Европа и на Балканот“, нагласил премиерот Заев во своето излагање.

„Оваа година одбележуваме 25 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу нашите две земји. Нема подобра потврда за плодната соработка меѓу Македонија и Германија од фактите. Сојузна Република Германија е трговски партнер број еден за нашата земја. Вредноста на трговската размена достигна околу 3,6 милијарди евра, и секоја година расте“, истакна Заев.

Претседателот на Владата на Република Македонија, Заев, соопшти дека наскоро се очекува да биде потпишана спогодбата за взаемно признавање на возачките дозволи меѓу Република Македонија и СР Германија.

Во своето обраќање, премиерот Заев се осврнал на напорите на Македонија за членство во ЕУ и НАТО, како и за решавањето на спорот околу името со Грција.

„Секако, нам ни останува домашната задача: Да продолжиме интензивно со реформите, како и решавањето на отвореното прашање со Република Грција, проблемот што таа земја го има со нашето уставно име. Тоа се деликатни, тешки прашања, но ние сме посветени да испорачаме решенија во кои ги вклучуваме и опозицијата и претседателот на државата, а ќе бараме одобрување и од нашите граѓани“, истакна Заев.

Од Владата соопштуваат и дека германската канцеларка, Ангела Меркел, истакнала дека Германија останува силен партнер на Република Македонија и дека меѓусебната соработка ќе се интензивира и понатаму, имајќи ја предвид реформската агенда на актуелната влада.

Меркел во својата изјава оцени дека сега Република Македонија има стабилна влада која спроведува реформски политики во интерес на граѓаните на земјата и дека тоа е неопходно за перспективите на Македонија за членство ЕУ и НАТО.

Германската канцеларка истакнала дека Германија отсекогаш ја поддржувала европската перспектива на земјите од Западен Балкан, дополнувајќи дека конфликти во регионот имало доволно и дека сега треба да се работи на нова реалност.

Канцеларката Меркел нагласила дека се радува што актуелната влада повторно успаела да постигне придвижување на преговорите за името со Република Грција, потенцирајќи дека Германија сака овој проблем да биде решен и дека е подготвена да ги охрабри партнерите да направат нужни чекори и да изнајдат решение.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.