свет

Лавров: Изјавата на Тачи нема да го смени ставот на Русија за Косово

За изјавата претседателот на Косово, Хашим Тачи, дека Србија со руското признавање на косовската независност би се откажала од „лажната митологија", двајцата соговорници наведоа дека таквата реторика нема да го смени ставот на Русија за Косово

Bojana Stojanovic  | 22.02.2018 - Обновена : 23.02.2018
Лавров: Изјавата на Тачи нема да го смени ставот на Русија за Косово

Belgrad

БЕЛГРАД (AA) - Русија поддржува самостоен, независен и повеќенасочен курс на Србија, бидејќи и во својата надворешна политика се раководи со тие принципи, се согласија денеска министрите за надворешни работи на Русија и Србија, Сергеј Лавров и Ивица Дачиќ, јавува Anadolu Agency (AA).

За изјавата претседателот на Косово, Хашим Тачи, дека Србија со руското признавање на косовската независност би се откажала од „лажната митологија", двајцата соговорници наведоа дека таквата реторика нема да го смени ставот на Русија за Косово.

„Косовските лидери треба да се бават со своите работи, бидејќи веќе се обвинети за воени злосторства. За жал, тоа го забораваат светските колеги кои ги штитат албанските власти", рече шефот на руската дипломатија.

На тоа Дачиќ рече дека е пологично САД и Велика Британија да го повлечат признавањето на независноста на Косово, отколку Русија да го признае.

Лавров рече дека Русија се придржува кон сите договори за Косово и за Босна и Херцеговина, и додаде дека Русија ќе се спротивстави на секој обид тие договори да се прекршат.

Тој укажа на неопходноста сите прашања во БиХ да се решаваат врз основа на договор на тамошните два ентитети и три државотворни народи.

Дачиќ оцени дека Белград и Москва имаат стратешко партнерство, но не само на хартија како со некои земји, туку вистинско партнерство, со пријателство, меѓусебно разбирање и поддршка.

Дачиќ на Лавров му подари дрес на фудбалската репрезентација на Србија со број 10 и лицидерско срце.

И шефот на руската дипломатија имаше подарок за Дачиќ, па во име на претседателот на Русија, Владимир Путин, му врачи орден на пријателство за заслуги во јакнење на пријателство и соработка на двете земји. Тој рече дека Дачиќ многу придонесува во развојот на контактите меѓу луѓето.

Дачиќ додаде дека посебно му е драго што орденот му го врачил „човекот кој објективно највеќе и помогнал на Србија во изминатите годни".

„Кога треба нешто да се помогне, кога на Србија ѝ е тешко, кога нашите непријатели и противници сакаат непринципиелно да му помогнат на Косово, јас го барам Сергеј Лавров", рече Дачиќ.

Тој повтори и дека Србија никогаш нема да води антируска политика, иако многумина се обидуваат да извршат притисок на Белград, поради членство во ЕУ да го смени односот кон Русија.

„Јас ја сакам Русија, но затоа што ја сакам Србија. Секој кој би работел против нашите врски со Русија, директно работи против интересите на Србија и српскиот народ", рече Дачиќ.

Министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Лавров, кој престојува во посета на Србија, претходно денеска заедно со претседателот на Србија Александар Вучиќ, присуствуваше на претставувањето на мозаикот на куполата на храмот „Св. Сава".

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.