Турција

Американското оружје од Сирија насочено кон Турција

Дел од оружјето што САД ѝ го дадоа на терористичката организација ПЈД/ПКК, како поддршка во борбата против ДЕАШ, се користи во терористичките напади изведени во Турција

Ekipa  | 12.12.2017 - Обновена : 13.12.2017
Американското оружје од Сирија насочено кон Турција

Ankara

АНКАРА (АА) - Дел од оружјето што САД ѝ го дадоа на терористичката организација ПЈД/ПКК, како поддршка во борбата против ДЕАШ, се користи во терористичките напади изведени во Турција.

Според анализата што ја направи новинарот на АА, првата воена помош на САД за терористичката организација ПЈД/ПКК е дадена на 7 април, во воената база Румејлан, кога американски хеликоптери во оваа база спуштија пратка со воена опрема наменета за елементите на ПЈД/ПКК. Од тој датум, САД со повремени прекини продолжија да испорачуваат оружје, а постојат и видео-снимки на кои се забележува како воена помош на САД се транспортира со шлепери. Интересен е фактот што воената помош што САД ја испорачаа е доволна за опремување на војска од 30.000 до 40.000 лица.

Талал Сило, кој извесен период беше портпарол на Сириските демократски сили – параван на терористичката организација ПЈД/ПКК, избега од подрачјето и потврди дека САД ја помагале терористичката организација со оружје. Покрај тоа, изјави дека американските сили им држеле и воена обука на терористите.

- „Воопшто не се грижат каде оди оружјето“ -

Околу користењето на американската воена помош во терористичките напади врз турските вооружени сили, Сило рече: „Воопшто не се грижат каде оди оружјето, ниту еднаш не прашаа“, посочувајќи на ставот на САД по тоа прашање.

Последен настан во којшто терористите го употребија американското оружје е нападот во Хакќари, кога животот го загубија 9 припадници на безбедносните сили. Во нападот во Хакќари е користено противтенковско оружје AT-4, кое е дел од воената помош што САД ѝ ја додели на терористичката организација ПЈД/ПКК.

Министерот за национална одбрана на Турција, Нуретин Џаникли, на средбата со американскиот министер за одбрана Џејмс Матис во Брисел му достави фотографии, информации и документи, со кои се покажува дека ПЈД/ЈПГ се огранок на терористичката организација ПКК.

- Оружје од западно потекло во пештерите на терористите -

Дел од оружјето што САД ѝ го дадоа на терористичката организација ПЈД/ПКК, турските вооружени сили го пронајдоа во пештерите што терористите ги користат во руралните делови на Ширнак и Хакќари.

Во операциите во Хакќари и во Ширнак, запленети се пешадиски пушки M-16 од американско потекло, кои „во рамките на борбата против ДЕАШ“ им беа поделени на терористите на ПЈД/ПКК. Тоа покажува дека американската воена помош се насочува кон Турција и дека сојузничките земји не ги одржаа дадените гаранции дека оружјето нема да биде користено против Турција.

- Оружје од различен модел и калибар -

Од друга страна, ПЈД, која е сириски огранок на терористичката организација ПКК, преку границата испраќа оружје и муниција во Турција, со коешто ги храни терористите на ПКК.

Преку Синџар, во северниот дел на Ирак, и Карачок, во североисточниот дел на Сирија, се испраќаат најразлични модели на оружје од различен калибар, како и експлозив. Станува збор за оружје, од пешадиски пушки до противтенковски ракети, кои потоа се користат во терористичките напади во Турција. Значителен дел од ова оружје и експлозив е дел од воениот арсенал што САД ѝ го додели на терористичката организација ПЈД/ПКК.

Министерството за одбрана на САД призна дека во октомври 2015 година, на ПЈД им испратија околу 50 тони муниција. Локалните сириски извори на меѓународните медиуми им испратија извештај во којшто се наведува дека на 2 декември 2015 година, руски воен карго авион истоварил 5 тони муниција северно од Алепо, во подрачјето на Шех Максуд, кое се наоѓа под контрола на ПЈД.

- Најавена американска воена помош за ЈПГ, во висина од 500 милиони долари -

Во меѓувреме, САД во 2018 година планира на терористичката организација ЈПГ да ѝ додели воено оружје кое треба да биде испорачано со 50 полни транспортни авиони. Според буџетот што Министерството за одбрана на САД го одобри за 2018 година, се предвидува помош од 500 милиони долари за Сириските демократски сили, кои се параван на терористичката организација ПЈД/ПКК.

- За терористичкиот напад врз Дирекцијата на полицијата во Дијарбакир -

По априлските воздушни напади на Синџар, на северот од Ирак, Генералштабот на турската војска соопшти дека преку подрачјето на Синџар во северниот дел на Ирак, кој станал терористичко гнездо, и преку подрачјето на Карачок, кое се наоѓа во североисточниот дел на Сирија, во Турција се испраќа оружје и муниција за терористите, кое потоа терористите го користат во напади врз безбедносните сили во Турција.

Меѓу терористичките акции спаѓа и нападот врз Дирекцијата на полицијата во Дијарбакир, на почетокот на април. По нападот врз полициската Дирекција, соопштение даде гувернерството на Дијарбакир, во коешто се наведува дека во подрумските простории на еден апартман што се наоѓа во близина на резервните безбедносни единици, откриен е тунел во должина од 30 метри, ископан кон Управата за одржување и поправки. Спроведувајќи истрага за целиот случај, откриено е дека е поставен експлозив подготвен од RDX, кој е често користен од страна на американската армија, амомиум нитрат, ТНТ и нафта, со вкупна тежина од околу 1 тон.

Турција постојано повторува дека е против американската воена помош на терористичката организација ПЈД/ПКК. Кон крајот на минатиот месец, претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, телефонски разговараше со американскиот претседател Доналд Трамп, посочувајќи му го проблемот со воената помош, по што Трамп изјави дека издал наредба да се прекине помошта.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.