Турција

Радост во селото Кушкој: Јазик на свиркање стар половина милениум под заштита на УНЕСКО

На почетокот, тоа беа едноставни пораки, а во текот на годините, јазикот на свиркање, или птичји јазик, се развил толку што жителите составувале и сложени реченици, и почнале да водат разговори со свиркање.

Gültekin Yetgin  | 12.12.2017 - Обновена : 13.12.2017
Радост во селото Кушкој: Јазик на свиркање стар половина милениум под заштита на УНЕСКО Фото: Турско Министерство за култура и туризам

Giresun

ГИРЕСУН (AA) - ЃУЛТЕКИН ЈЕТГИН – Жителите на селото Кушкој на турскиот брег од Црното Море се среќни поради веста дека УНЕСКО на листата на нематеријално културно наследство го вброи јазикот на свиркање, или птичијот јазик, кој нивните предци го развиле пред речиси половина милениум, пишувa Anadolu Agency (AA).

УНЕСКО нареди итна заштита на јазикот на свиркање, кој настанал во ридестите краишта на селото Кушкој, во областа Канакчи.

Инспирирани од птиците, селаните пред 500 години развиле систем на комуницирање со оддалечените соседи така што свиркале слогови од турските зборови.

Минатата година е поднесено барање овој единствен јазик да се стави на листата на УНЕСКО, а радосната вест за жителите на Кушкој дојде минатата недела, од состанокот на УНЕСКО во Јужна Кореја.

Станува збор за јазик кој со време се усовршувал и кој е главна тема на традиционалниот фестивал што во турската област Гиресун се одржува секоја година, за со него да се запознаат младите генерации.

Претседателот на Здружението за промоција на јазикот на свиркање, Сереф Коџек, за Anadolu Agency рече дека веќе осум години спроведуваат интензивни активности со цел да се зачува птичјиот јазик, кој го равиле предците на истокот на Црното Море.

„Птичијот јазик сега е на листата на УНЕСКО и нашиот сон е остварен. Се надевавме на ова и не се разочаравме. Благодарни сме им на сите кои помогнале во овој проект. Сега сѐ ќе биде полесно, а на спомнувањето на птичијот јазик, луѓето веднаш ќе помислат на Гиресун, Чанакчи и на Кушкој“, рече Кочек.

Исто така, тој рече дека зачувувањето на таа традиција и наследство сега поприми поголемо значење и изрази надеж дека нема да се дозволи во ерата на мобилните телефони и технологијата да исчезне брилијантниот јазик кој го користеле предците во селото Кушкој, што во слободен превод значи село на птиците.

Мехмет Кочек, жител на „селото на птиците“, за АА рече дека ставањето на листата на УНЕСКО е многу важно за птичијот јазик.

„Птичијот јазик бил многу важен за нашите предци, а го користеле и во време на непријателската окупација. Радосни сме што ова богаство ќе биде сочувано“, рече Кочек.

И сопственикот на кафулето во селото Кушкој, Енгин Чиндик, е задоволен од потегот на УНЕСКО. Тој вели дека ефектите се веќе видливи бидејќи во селото секојдневно доаѓаат медиумски и истражувачки екипи од различни делови на светот.

„Тоа сега сѐ повеќе ќе го има. Со години чекавме и еве дочекавме јазикот на нашите предци да биде на листата на УНЕСКО“, рече Чиндик.

Подрачјето на коешто пред половина милениум настана птичјиот јазик го карактеризираат ридести и непристапни места, а токму затоа луѓето имале потреба да развијат начин за комуницирање во далечина. Говориме за периодот кога немало струја, поради што селаните инспирација нашле во црцорењето на птиците.

Селаните на тој начин комуницирале меѓусебно кога сакале да се посетуваат, да побараат или да понудат помош или, едноставно, да повикаат сосед на чај, а да не мора со часови да одат до него.

На почетокот тоа биле едноставни пораки, а со текот на годините, јазикот на птиците толку се развил што селаните склопувале и сложени реченици и почнале да водат разговори со свиркање.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın